Ќе има ли економски последици од поплавите во регионот?

19.05.2014 17:36

Агроекспертите сепак сметаат дека уште сега трговците ќе треба да склучат договори за увоз со други земји зашто поголемите транспортни трошоци може да се одразат и на цената на лебот и маслото за јадење...

Економските односи мегу Македонија и Србија не се очекува да претрпат големи штета од поплавите. Од министерството за економија велат дека негативните последици ќе ги почувствуваат транспортерите.

Нема да се одрази толку негативно, и нема да има негативни последици. Евентуално последица може да има врз транспортот на стоки во двата правци, вели министерот за економија, Ваљон Сараќини.

Според претседателката на Макамтранс трошоците ќе се зголемат  бидејќи транспортерите ќе треба да бараат алтернативни патишта.. Тоа, според нив,  ќе биде индивидуална одлука на секоја компанија..

„Ние како превозници ќе мора да бараме алтернативни патишта, што значи дека ќе ни се зголемат трошоците, или пак ќе мора да застанеме одреден период“, вели Биљана Муратовска од Макамтранс.

Македонија увезува 30 проценти од потребните количини пченица од Србија. Од Sтопанската комора велат дека место за паника нема бидејќи Војводина и Мачва, од каде доаѓаат 2/3 од вкупните приноси на жито, не се погодени од поплавите.

Проблеми не очекуваат ниту мелничарите, ниту пак се очекува во поглед на увоз на лебното жито. Годинава  се очекува за 20% поголем принос и кај нас.

Агроекспертите сепак сметаат дека уште сега трговците ќе треба да склучат договори за увоз со други земји зашто поголемите транспортни трошоци може да се одразат и на цената на лебот и маслото за јадење. Во 2013 година размената со Србија изнесувала 792  милиони  долари и била на 4 место. Извозот изнесувал 269 милиони  долари, а увозот 522 милиони  долари. Освен пченица, од Србија увезуваме млеко и производи од месо.

 

Дијана Ценевска