Голема полициска акција, апсења за даночни малверзации
Инспектори, бизнисмени, политичари уапсени во голема полициска акција по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Се товарат за злосторничко здружување, даночни измами, перење пари – преку фиктивни побарувања кон УЈП буџетот олеснет за 840 илјади евра...

15 лица, меѓу кои функционери и бизнисмени се дел од приведените во полициската акција која се спроведе на седум локации низ државата. Меѓу приведените е и Исмет Гури, што во петокот неправосилно беше осуден на три ипол години затвор за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 3“.
Како што соопштија од обвинителството и МВР, тој е вмешан во организирана шема за правење даночна измама додека бил заменик-директор на УЈП. Гури е третоосомничен од петнаесетмината за кои е спроведена истражна постапка, меѓу кои е неговиот син, бизнисмени и вработени во Управата. Според информациите, во 2020 и 2021 година осомничените преку осум правни лица од Скопје издавале фиктивни фактури и барања кон УЈП за поврат на данок. Фирмите биле користени за издавање на лажни фактури едни кон други, без притоа да постојат реални деловни активности со што му нанеле штета на буџетот од над 830 илјади евра.
„Овие правни лица биле користени како даночни гаранти така што со даночни должници биле склучувани договори согласно кои осумте правни лица биле даночните гаранти и за тоа ги користеле нереалните даночни аконтации кои ги имале кон УЈП. Организаторите за целата оваа осмислена шема за возврат добивале стока, движен и недвижен имот како луксузни возила, станови и сл., кои подоцна ги препродавале на трети лица со што противправно се стекнувале со материјална корист“, изјави Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.
Дел од нелегално стекнатите пари биле искористени за купување деловен простор од 102 метри квадратни во вредност од 150 илјади евра за синот на Гури, а дел биле пуштени во легалните финансиски текови преку повеќе готовински уплати и трансакции по основ на наводни позајмици на едно од пријавените правни лица. На овој начин Гури успеал да легализира околу 250 илјади евра. Овие средства понатаму, од страна на правното лице биле користени за откуп на девизи, плаќање на фактури кон домашни и странски правни лица за увоз или набавка на стока, а дел од средствата, околу 1700 евра биле префрлени на сметката на синот на Гури.
Единаесет од осомничените се товарат за злосторничко здружување, девет за даночна измама и четворица за перење на пари. Побарани притвори.
Катерина Топалова
