Македонија

Обраќање на министерот за правда Лога во работилницата посветена на имплементација на усвоените измени на Законот за матична евиденција

19.07.2023 15:51

Министерот за правда, Кренар Лога, одржа говор во работилницата „Градење капацитети за имплементација на усвоените измени и дополнувања на законот за матичната евиденција“, организиран од мисијата на ОБСЕ и УНХЦР во РСМ...

Министерот за правда, Кренар Лога, одржа говор во работилницата „Градење капацитети за имплементација на усвоените измени и дополнувања на законот за матичната евиденција“, организиран од мисијата на ОБСЕ и УНХЦР во РСМ. Министерот во неговото обраќање изјави: „Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на оваа работилница посветена на имплементација на усвоените измени и дополнувања на Законот за матичната евиденција.

Особено ме радува тоа што Собранието на 21 Јуни 2023 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција што воедно е и тема на денешната работилница.

Од стапувањето на функција како министер за правда, моите заложби во однос на концептот за граѓанска регистрација се во насока на изнаоѓање на соодветни законски механизми кои во пракса ќе придонесат кон исполнување на зацртаната цел, а тоа е подобрување на животот на граѓаните, унапредување на правата и слободите на граѓаните и засилување на европските вредности во нашето општество.

Благодарение на поддршката од ОБСЕ и УНХЦР во Македонија, работата на работната група во состав на претставници од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, надлежните министерства, меѓународните организации резултираше со унапредување на правната рамка во поглед на решавање на повеќедецениската состојба со идентификација на голем број на лица (околу 700 лица) кои не се запишани во матичната книга на родените и кои немаат документ за идентификација“

Со овој закон ги исполнуваме и меѓународно преземените обврски за граѓанска регистрација и издавање на документи уредени со: Конвенцијата за правата на детето, Загребската декларација за пристап до цивилна документација и регистрација во Југоисточна Европа во 2011 година, Конвенцијата за намалување на бездржавајнството, усвоена од Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, ратификувана во 2019 година.

Исто така, согласно Конвенцијата за правата на детето, со овој закон се гарантира правото на упис во матична книга на родени на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители.

Очекувам дека до крајот на 2023 година овие лица да добијат идентитет и што е најважно, конечно ќе можат да ги остварат нивните уставно загарантирани човекови права без да им биде ограничен пристапот до образование, здравствена и социјална заштита.

Со ова достигнување сум горд што станавме прва земја во Европа, како и втора земја во светот која го решила успешно проблемот со неевидентираните лица. Република Северна Македонија станува поправедна држава од вчера, а со целосна имплементација на законот ќе стане порамноправна држава отколку што е денес, стои во соопштението од Министерството.