Регион

Силно невреме го погоди Балканот

20.07.2023 12:23

Силно невреме го погоди Белград, проследено со ветер и дожд. Од погодените области се евакуирани 18 лица. Најмалку пет лица загинаа во Хрватска, Босна и Словенија. Невреме со дожд и силен ветер претходно го погоди Загреб. Во Грција пак, пожарникарите успеаја да го стават под контрола пожарот што се ширеше во западниот дел на Атика..

Граѓаните бараа засолниште откако силно невреме го погоди Белград, проследено со ветер и дожд. Многумина се повредени.

Пријавени се напукнати дрвја, паднати тули и откорнати покриви. Делови од градот останаа без струја. Аеродромот Сурчин беше привремено затворен.

Од погодените области се евакуирани18 лица. Екипи од изутрината расчистуваат лисја и гранки од улиците на Белград, Лозница и Ниш.

Најмалку пет лица загинаа во Хрватска, Босна и Словенија.

Американски турист опиша дека видел човек убиен од паднато дрво во Словенија.

„Беше лудо, имаше многу дрвја што паднаа и едно лице, дефинитивно беше возрасен, беше под дрвото таму. Таму беше неколку часа кога конечно дојде судскиот вештак четири часа подоцна и го одведоа. Не знам дали беше маж или жена, но дефинитивно беше возрасен. Хаос е таму долу“, рече туристка од Калифорнија.

Невреме со дожд и силен ветер претходно го погоди Загреб. Две лица загинаа, а повеќе беа повредени. Итната помош примила над 700 повици, додека само пожарникарите имале 50 интервенции.

Градскиот превоз бил запрен, а имало и проблеми со електричната енергија. Најголема штета има кај високите шуми.

Невремето беше второ во два дена што го зафати регионот по низата екстремно топли и сушни денови.

Во Грција пак, пожарникарите успеаја да го стават под контрола пожарот што се ширеше во западниот дел на Атика. Во близина на Атина има материјална штета. И денеска има интервенции со авиони и хеликоптери. Пожарот на островот Родос сè уште е активен. Според властите, изгореле 3.000 хектари. На Пелопонез е уапсено едно лице кое признало дека подметнало три пожари, Грција добива и меѓународна помош.

 

Марина Ристова