Над 600 деца чекаат за градинка во Куманово, упис ќе нема
Место во градинка нема, но во септември ќе нема ниту упис. Советот на Општина Куманово не даде дозвола да се зголеми бројот на деца во групите во „Ангел Шајче“. Згрижувачката установа веќе работи со бројка над дозволениот капацитет. Но, на дневно ниво исполнетоста на деца е од 40 до 70 отсто. Куманово со години се соочува со недостаток на места во детските градинки...

Мнозинството од Советот на Општина Куманово не го прифати барањето за зголемување на бројот на групите во детската градинка „Ангел Шајче“, бидејќи тоа би било сместување во вонстандардни услови, вели претседателката на кумановскиот Совет. По одлуката, од септември годинава нема да се врши упис во градинките. Во моментов се запишани над 1.600 дечиња. Бројката е веќе над дозволениот капацитет. Но исполнетоста на дневно ниво се движи од 40 до 70 проценти,
„Воспитно образовниот процес, исхраната, престојот, одморот ќе биде во една иста просторија, па иако истата порано била трпезарија и не соодветствува на пропишаните нормативи. Тоа значи дека различни групи на деца ќе користат ист тоалет. Тоа значи дека е можно да се повтори случајот со салмонела, за кој нема сè уште никаква разврска“, истакна Ивана Ѓоргиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Советот предложи Управниот одбор да донесе одлука доколку децата неоправдано отсуствуваат повеќе од 1 месец, нивните места да бидат службено отстапени на други. Куманово со години се соочува со недостаток на места во детските градинки. На листата за чекање се 600 деца, од кои 150 за дневен престој. Од општината велат се изготвуваат проекти за нови градинки, но државата не ги отстапува просториите, како некогашниот Пионерски дом, касарната во населбата Карпош. Директорката на градинката на вчерашната прес-конференција пак потсети дека градоначалникот вети изградба на три градинки. Во Куманово во 2018-та во Домот на пионери беше адаптиран простор за градинка. Тогашната министерка Царовска и Димитриевски договорија целосно уредување на просторот кој располага со голема површина.
Елена Георгиевска
