Белград

Тренчевска во Белград со ресорниот министер Селаковиќ за размена на искуства во социјалната заштита и за Отворен Балкан

20.07.2023 14:24

Министерката Јованка Тренчевска на покана на министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања на Србија, Никола Селаковиќ од денес до петок престојува во работна посета на Белград, со цел размена на искуства во делот на социјалната заштита и финализирање на преговорите за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги во рамки на Отворен Балкан...

Министерката Јованка Тренчевска на покана на министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања на Србија, Никола Селаковиќ од денес до петок престојува во работна посета на Белград, со цел размена на искуства во делот на социјалната заштита и финализирање на преговорите за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги во рамки на Отворен Балкан.

„Ние во 2019 година ја започнавме имплементацијата на реформата во социјалната заштита и еден од предизвиците што се поставува е софтверското решение, како да ги подобриме услугите и правата да бидат поблиску и побргу да стасаат до сите граѓани на кои им е треба. Ресорното министерство во Србија во тој процес е понапред, веќе го имаат воспоставено ваквото софтверско решение, тоа се имплементира и ние сакаме да учиме од успешни приказни и од она што е функционално, за да го забрзаме тој процес и во нашата држава“, изјави Јованка Тренчевска, министер за труд и социјална политика.

Министерот Селаковиќ изјави дека на средбата е зазговарано за ОБ, каде двете министерства имаат значајна улога преку националните служби за вработување со воспоставување на системот на работните дозволи за сите граѓани на државите од ОБ, со цел овозможување на слобода на движењето на работната сила.

„Она што се договоривме е за нашата наредна средба е да подготвиме Меморандум за соработка помеѓу двете министерства кој ќе овозможи директна соработка помеѓу нашите стручни служби и во министерството и во центрите за социјалана заштита и други служби кои се во рамки на нашата надлежност за вработување, размена на искуствата во боречко-инвалидската заштита и заштита на лицата со инвалидитет“, изјави Никола Селаковиќ, министер за труд, вработување, боречки и социјални прашања на Србија.

Во текот на посетата министерката Тренчевска присуствуваше на презентација на новиот софтвер – Систем за заштита и дигитализација на инструментите за социјална заштита (СОЗИС), којшто е наменет за работа на центрите за социјална работа и системот – Социјална карта, кој служи за подобра распределба на средствата кои државата ги вложува во правата од социјалната заштита.

Согласно агендата министрите ќе го посетат Центарот за социјална работа каде се имплементира новиот софтер, како и Јавна предучилишна установа во Земун.

 

Оливер Бранковиќ