Пендаровски: Македонската дијаспора е клучниот партнер со татковината
Сме се соочувале и се уште се соочуваме со негирања. Правевме тешки компромиси, но опстоивме како држава, вели претседателот Пендаровски. Шефот на државата со порака до нашинците да градат поцврсти врски со татковината...

„Македонската дијаспора е клучниот партнер со татковината. Интересот на македонската дијаспора не се сведува на пасивна носталгија, туку е пример за активен ангажман и волја за вклучување во современите процеси во земјата. Помагаше при трите успеси на Македонија, создавањето и опстојувањето како држава и справувањето со предизвиците со коишто сè уште се соочуваме“, изјави претседателот Пендаровски на конференцијата на Обединетата македонска дијаспора во Скопје.
Нашата цел и мисија е обединување на Македонците од целиот свет и помагање на родната земја, велат од дијаспората.
„Дијаспората е еден фактор, можеби и најголемиот инвеститор во Македонија. 18 до 20% од БДП доаѓа од дијаспората“, рече Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.
Во последно време се зборува за услови за промена на уставот на Република Македонија. Нашата организација има решителен став околу тоа и е многу едноставен“, велат од дијаспората, изјави Гордан Јорданов, директор на ОМД за Македонија.
„Нам не ни пречи да се промени Уставот на Република Македонија, но под еден многу важен услов, тоа да се случи со реципроцитет и да се промени и уставот на Република Бугарија, со што би се внело и македонското малцинство“, изјави Александар Митрески, од ОМД.
Претставници на дијаспората разменија искуства за зголемено учество на жените во бизнисот и животот во татковината, за инвестирање во земјава за да се спречи иселувањето на младите и за зачувување на корените на новите генерации Македонци во странство.
Ирина Гелевска
