Трета ноќ по ред руски напади врз јужните делови на Украина
Трета ноќ по ред руски напади врз јужните делови на Украина, вклучително и Одеса. Загинаа цивили. Европската унија ги продолжи санкциите против Русија за уште шест месеци. Кремљ реагира за распоредувањето на дополнителни полски трупи на границата со Белорусија. Руската анектирана територија на Крим нападната со беспилотно летало...

Трета ноќ по ред руски напади врз јужните делови на Украина, вклучително и Одеса. Загинаа цивили. Зафатена е инфраструктура во пристаништето, терминали за жито и нафта, оштетени се цистерни. Украинскиот министер за аграрна политика и исхрана вели дека се уништени 60.000 тони жито.
„По завршувањето на иницијативата за жито, агресорот намерно ја напаѓа целата пристанишна инфраструктура. Оштетени се згради и конзуларното претставништво на Кина. Непријателот не води грижа за ништо“, изјави Олех Кипер, шеф на регионалната воена администрација на Одеса.
Европската унија ги продолжи санкциите против Русија за уште шест месеци, а се однесуваат на секторите, трговија, финансии, технологија, стоки со двојна употреба, индустрија, транспорт и луксузни стоки. Брисел со осуда за руското таргетирање на складишта. На состанокот на министри за надворешни работи, дискусија за зголемување на воената поддршка за Украина и изнаоѓање решение за транспорт на украинско жито по копнен пат.
„Она што се случува во Одеса е тешка ситуација. Досега, житото не се извезуваше, но барем не беше уништено. Има само едно решение, да се зголеми воената поддршка за Украина. Ако Русите користат беспилотни летала, треба да им обезбедиме противвоздушен капацитет за уништување на овие беспилотни летала“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Фактот што рускиот претседател го откажа договорот за жито и сега го бомбардира пристаништето Одеса не е само уште еден напад врз Украина, туку напад врз народот, врз најсиромашните луѓе во светот. За таа цел, ќе работиме понапорно за да извлечеме повеќе жито од Украина преку патеките за солидарност“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Кремљ пак, реагира за распоредувањето на дополнителни полски трупи на границата со Белорусија.
„Агресивноста на Полска е реалност. Таквиот непријателски однос кон Белорусија и Руската Федерација секако бара зголемено внимание“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Во меѓувреме, на руската анектирана територија на Крим, напад со беспилотно летало на северозападниот дел на полуостровот. Оштетени се административни згради.
Маријана Димовска
