Корупција

САД ќе ја проширува црната листа

20.07.2023 15:36

Американската амбасадорка не може да каже кој ќе биде следниот бизнисмен, политичар или функционер што САД ќе го стават на црната листа. Сепак, по бизнисменот Камчев и струшкиот градоначалник Мерко, Агелер не исклучува да има и други лица...

Тоа што бизнисменот Орце Камчев се најде на црната листа е показател дека САД ќе ги повика на одговорност сите вклучени во корупција без разлика на нивната позиција или моќ – порача на прес-конференција американската амбасадорка Агелер. Според неа, ако земјава сака да ги надмине предизвиците, корупцијата не смее туку така да минува. Агелер не откри кои се следните имиња што би можеле да се најдат на црниот список, но рече – се разгледуваат активностите на повеќе луѓе и организации.

„Ова е процес кој трае. Не можам да кажам кој е следен, бидејќи не знам. Процесот во Вашингтон е многу темелен и внимателен за да осигури дека доказот е таму за да ги поткрепи овие кои се посочени. Има многу широки финансиски импликации по имотот на луѓето опфатени со овој конкретен закон. Можам да ви кажам дека во секој момент нашиот тим разговара со канцелариите во Вашингтон кои ги следат овие работи. Во секој момент има голем број лица и организации кои се разгледуваат“, изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД.

Откако министерството за финансии на САД го стави струшкиот градоначалник Мерко на црната листа, а потоа и бизнисменот Камчев, американската амбасадорка појасни дека ваквите постапки не се политички или лично мотивирани, но и дека властите на САД нема да дојдат и да уапсат некого овде, бидејќи следните мерки зависат од институциите.

„Бевме во можност да најдеме докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава, не во Вашингтон. Информациите се достапни, работевме со институциите во земјава за да ги откриеме случаите. Дали, како и кога ќе се процесуираат зависи од надлежните органи“, изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД.

Американските власти сметат дека бизнисменот Камчев интензивно се занимавал со корупција повеќе од деценија, а своето влијание и богатство го искористил за да влијае врз судството, а придонел и за распадот на СЈО.

 

Анита Димитријевска Велковска