Отворен музејскиот комплекс на семејството на Ататурк
Во селото Коџаџик во општината Центар Жупа беше отворена спомен куќата на семејството на основоположникот на современата турска држава Мутафа Кемал Ататурк.

Музејскиот комплекс во Коџаџик, општина Центар Жупа, се протега на 20 илјади метри квадратни. Во него се спомен куќата на семејството на основачот и прв претседател на современа Турција Мустафа Кемал Ататурк, како и меморијалениот дел со постојана поставка на експонати.
„Спомен домот на родителите на Ататурк е силен аргумент во промоцијата на разбирањето преку културата, кое нашите две земји ги демонстрираат и во поновата изторија“, рече Елизабета Канческа Милевска.
Претседателот Иванов и турскиот вицепремиер Ишлери се согласија дека изградбата на спомен куќата е одраз на добрите билатерални односи меѓу Македонија и Турција.
„Со отворањето на овој историски објект остануваме доследни на традиционално добрата соработка со пријателска република Турција, соработка што се манифестира во многу области, од економијата до туризмот, од надворешната политика до културата“, изјави Ѓорге Иванов – Претседател на Р. Македонија.
„Овие активности што заеднички ги реализираме се камен темелник на добрите односи што ги имаат нашите земји“, изјави Емрула Ишлери – Вицепремиер на Р. Турција.
Објектот е изграден по долгогодишни археолошки истражувања, надворешноста и внатрешноста се автентични на времето во кое живеел Ататурк, а патот до него е асфалтиран, рече вицепремиерот Владимир Пешевски.
Со овој проект се очекува многу домашни и странски туристи да го посетат Коџаџик и да се запознаат со овдешната мултикултурна традиција. Реализиран е со поддршка на двете влади и турската агенција „ТИКА“.
Зоран Јованоски
