Општина Ѓорче Петров бара да се врати мирот по вчерашното убиство!

20.05.2014 09:27

Општината ги повикува надлежните институции на Република Македонија, а посебно Министерството за внатрешни работи, да ги превземаат сите нопходни мерки од нивна надлежност за враќање мирот и безбедноста, и заштита на животот и имотот на граѓаните...

Советот и Градоначалникот  на општина Ѓорче Петров упатуваат апел до граѓаните на општината да се воздржаат од било какви активности спротивни на закон и да делуваат врз било какви изливи на насилство после вчерашното убиство на жител од општината.

Советот и Градоначалникот  на општина Ѓорче Петров, ја разгледаа безбедносната состојба во општината настаната по извршеното убиство на жител на Општина Ѓорче Петров, при што изразија жалење за изгубениот млад живот, но и загриженост за подигнатите тензии, стои во соопштението на општината.

Тие ги повикуваат надлежните институции на Република Македонија, а посебно Министерството за внатрешни работи , да ги превземаат сите нопходни мерки од нивна надлежност за враќање мирот и безбедноста, и заштита на животот и имотот на граѓаните.

Советот и Градоначалникот  на општина Ѓорче Петров, во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе утврдаат дополнителни мерки кои треба да се преземаат за обезбедување стабилна и безбедносна состојба на подрачјето на Општина Ѓорче Петров.

Ангел П. роден 1995 година вчера околу 17:15 часот е убиен во близина на Европската очна клиника во Ѓорче Петров.

Како што информира МВР, убиството е веќе расчитено, а убиецот Насер Е. е приведен.

Инцидентот се случил откако Насер Е. влегол во куќата на убиениот Ангел и одзел велосипед. Тоа го забележале Ангел и татко му поради што Насер Е. почнал да бега. Потоа Анегел и татко му со возило почнале да го бркаат, а кога се доближиле кај насипот на Вардар продолжиле да го бркаат пешки. Ангел прв го стигнал при што дошло до физички контакт меѓу нив во кој бил смртно повреден.

Неофицијално момчето е убиено со два убоди од нож во срцето. Убиениот бил матурант во Средното медицинско училиште.