Куманово

Ликвидирани неколкуте пожари на отворено во кумановско

21.07.2023 11:25

Кумановските пожарникари интервенираа на неколку пожари на отворено во кумановско и липковско. Гореше стрниште, сува трева, жито, кровна конструкција на викенд куќа. По неколку часа пожарите беа локализирани и ликвидирани...

Повеќечасовна интервенција на стрништа, сува трева и житни култури забележаа кумановските пожарникари. Се интервенираше во села во кумановско и липковско. Екипа од единаесет пожарникари се справуваше со пожарот помеѓу селата Агино, Брзак, Романовце и скопското Дељадровце, каде беше зафатена поголема површина. Во Агино село беше зафатен кров на викендичка. Гаснењето како што информираа од единицата било отежнато поради високата трева.

„Поради обилните врнежи од изминатите месеци тревата е многу висока и тоа прави дополнителен проблем при гаснењето. Во овој период имаме многу сончеви денови, тревата е многу сува и тоа е причината за пожарите. Летната сезона почна имаме секој ден пожари и поголем број на интервенции“, истакна Борис Станковски, заменик командир на ТППЕ Куманово.

Пожарникарите од Куманово интервенираа и на сува трева и стрништа и во липковско Лојане и кумановско Табановце. Од почетокот на јули тие бележат 37 интервенции, од кои 22 на отворен простор. Од единицата апелираат до граѓаните на овие топли временски услови да бидат внимателни и да не предизвикуваат пожари.

Во кумановската противпожарна единица Куманово во тек е реконструкција на гаражните врати. Истата е во рамки на проектот којшто се реализира заедно со Ранковце.

Во рамки на проектот на Североисточниот плански регион единиците ќе добијат и возила за гаснење шумски пожари, опрема за пожарникарите. Ќе се изработи и апликација за пријавување шумски пожари.

 

Елена Георгиевска