Киев и Москва со меѓусебни закани за бродовите кои минуваат во Црно Море
Нови руски напади врз Одеса. Москва објави дека сите бродови што пловат до украинските пристаништа во Црно Море ќе ги бележи како воен товар, Киев се закани со реципрочни мерки. Вашингтон потврди, Киев успешно ја користи касетната муниција…

Нови руски гранатирања врз Одеса. Нападнати земјоделски комбинати, повредени работници. Советот на Обединетите нации, на седница за повлекувањето на Русија од договорот за извоз на украинското жито. Москва објави дека сите бродови што пловат до украинските пристаништа во Црно Море ќе ги бележи како воен товар, Киев се закани со реципрочни мерки. Во северозападниот дел на Црно Море, истрелани противбродски проектили во рамките на руска воена вежба.
„Во Црно Море, како дел од вежба за ракетен напад, два брода извршија напад против лажен непријател. Беше изведена борбена вежба со употреба на оружје за крстосувачки ракети. Нападот беше успешен, лажниот непријател уништен“, изјави руски војник.
Вашингтон изрази загриженост дека Русија може да ги прошири своите напади врз украинските силоси и цивилниот транспорт. Белата куќа потврди дека касетната муниција е во рацете на украинците и дека е распоредена на фронтот. Ги објави санкциите за над 120 фирми и луѓе од Русија, Обединетите Арапски Емирати и од Киргистан.
„Акциите имаа значително влијание врз способноста на Русија да се финансира и да се бори. Сè додека војната трае, ние ќе продолжиме да преземаме вакви активности“, порача Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Европската унија, исто така, продолжи со санкциите за Русија и најави дека во следните четири години ќе обезбеди 20 милијарди евра за потребите на украинската војска. Зеленски вели дека на Киев итно му се потребни дополнителни системи за одбрана.
„Нашите воини успеаја да соборат некои од непријателските ракети и беспилотни летала. Но, за жал, капацитетот на украинската воздушна одбрана сè уште не е доволен за да го заштити целото украинско небо. Со нашите партнери работиме поактивно за да добиеме дополнителни системи за противвоздушна одбрана, што ќе обезбедат мир и безбедност на нашата Одеса и на сите други градови“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Платениците од „Вагнер“ почнаа заеднички вежби со белоруската војска, по нивниот неодамнешен краткотраен бунт против Москва. Вежбите се одржуваат на полигонот во близина до Брест, град на полската граница. Полскиот премиер вели дека „Вагнер“ е зголемена закана за Полска и за источното крило на НАТО, а Белорусија и Русија „работат рака под рака“ за да ја дестабилизираат Алијансата.
„Групата „Вагнер“, која се почесто се појавува во Белорусија, е непрекината зголемена закана за Полска, источното крило на НАТО и за источниот дел на Европската унија. Затоа нема да покажеме слабост“, изјави полскиот премиер, Матеуш Моравјецки.
Како одговор, Полска распореди војници на границата со Белорусија.
Маријана Димовска
