Топлотниот бран што ја погоди Европа не стивнува, зголемен ризикот од пожари
Топлотниот бран и сушата го направија своето. Огнената стихија во Грција не стивнува. Во тек евакуација на неколку населени места во Атина и на островот Родос. НАСА со предупредување – наредната година можни се екстремни горештини поради јакнењето на феноменот Ел Нињо...

Пожарите околу Атина повторно активни. Изгорена површина од 9.400 хектари. Грчките власти наредија евакуација на населени места во западниот дел на Атина. Пламените јазици не стивнуваат на Родос и на Пелопонез. Властите предупредија дека може дополнително да се влошува состојбата поради екстремно топлото време со над 40 целзиусови степени.
„Одлично е само да се опуштиш и да скокнеш во вода, верувам приближно на секои десет минути“, изјави Даниел Лаурсен, индустриски техничар.
Дел од експертите пак, предупредуваат дека капењето може да биде опасно за луѓе со здравствени проблеми.
„Одењето на плажа, особено за луѓето кои имаат здравствени проблеми, не е добра идеја. Затоа имаме толку многу давеници во водите, бидејќи луѓето со здравствени проблеми се изложуваат на екстремна жештина и потоа влегуваат во водата“, изјави Димитрис Халиотис, Црвен крст, Грција.
Високите температури во јужна Европа предизвикаа проблеми со струјата во Шпанија и во Италија.
„Струјата е преоптоварена. Можеме да направиме ладна храна. Ништо не функционира во кујната, така што сè застанува тука“, изјави Дмитри Манули, сопственик на ресторан.
„Се подготвувавме, снема струја. Дојдовме дома околу 23 часот и сè уште немаше струја или климатизација.“
Според НАСА, јули 2023 година веројатно ќе биде најтоплиот месец во последните стотици, ако не и илјадници години.
„Гледаме невидени промени ширум светот. Топлотните бранови што ги гледаме во САД, Европа, Кина уриваат рекордите. Минатиов јуни беше најтоплиот јуни досега. Очекуваме јули да биде најтоплиот апсолутен месец во тој рекорд. Многу месеци гледаме рекордни температури на морската површина дури и надвор од тропските предели. И ќе очекуваме дека тоа ќе продолжи. А причината зошто мислиме дека тоа ќе продолжи е затоа што продолжуваме да ставаме стакленички гасови во атмосферата. И додека не престанеме да го правиме тоа, температурите ќе продолжат да растат“, изјави Гевин шмит, Институт за вселенски студии на НАСА Годард, Њујорк.
Научниците предупредуваат дека наредната година веројатно ќе биде уште потопла поради јакнењето на феноменот Ел Нињо.
Марина Ристова
