Џафери: Процедурата за уставни измени е возможна мисија
Во гостувањето во вестите на МТВ, Џафери категоричен, роковите се строго утврдени. Ја повика опозицијата на конструктивност. Собранискиот спикер без конкретен одговор, дали сме поблиску до уставни измени или предвремени избори…

Процедурата за уставни измени е возможна мисија. Во прв план мора да бидат интересите на државата и на граѓаните, вели претседателот на Собранието. Во гостувањето во вестите на МТВ, Џафери појасни дека процедурата е со строго утврдени рокови. И за расправата во Комисијата за уставни прашања и за пленарката, по максимум десет дена. За Џафери се неприфатливи тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, дека текстот е неразумен и дека со измените во Уставот се загрозени државните национални интереси.
Собранискиот спикер е убеден дека нови услови од Бугарија, нема да има и дека треба да се исполнат обврските од преговарачката рамка. Вели, одлуката целосно е во наши раце. Според Џафери поединечни изјави за нови барања од Софија, по примерот на бугарскиот претседател Радев, имало и ќе има, но тоа не треба да не поколеба. Брисел единствено очекува исполнување на реформите.
Првиот парламентарец без директен одговор, дали сме поблиску до уставни измени или предвремени избори. Се повика на процедурата. Само со 61 глас „за“, Собранието се распушта и ја повика опозицијата, доколку обезбеди мнозинство, тоа и да го предложи.
Милчо Велески
