ОЈО сè уште го чека известувањето од МВР за „Малиот битолски Монмартр“ – ќе се проверува дали децата биле злоупотребени за политички цели
До Јавното обвинителство сè уште не е стигнато известувањето на СВР Битола за „Малиот битолски Монмартр“. Обвинителството треба да провери дали во соработката со Бугарија на оваа ликовна колонија имало злоупотреба на децата во политички цели. Полицијата во случајот постапи по допрен глас...

Битолското обвинителство сè уште го чека известувањето од МВР за настаните поврзани со детското ликовно студио Св „Кирил и Методиј“ за носењето деца на средби кај бугарски политичари под изговор на добрососедски односи. Во текот на вчерашниот ден министерот Спасовски најави дека по допрен глас од некои медиуми полицијата до ОЈО Битола поднела известување во кое треба да провери дали има злоупотреба на децата во политички цели.
„До Основното обвинителство Битола до овој момент не е поднесена ниту кривична пријава ниту известување за наводниот настан“, се наведува во писменото известување од Обвинителството.
Од „Малиот битолски Монмартр“ велат дека во текот на вчерашниот ден слушнале многу шпекулации и нивниот став е да не даваат никакви изјави за медиумите сè додека Обвинителството не го искаже својот став. Денеска бура на реакции во Бугарија од одредени политички елити по вчерашната изјава на министерот Спасовски. Упатија критики кон македонската Влада.
И првата детска амбасада во светот Меѓаши го повика Обвинителството да постапува наведувајќи каде е прекршено правото на детето. Инаку како што се вели проектот за носење на деца во Бугарија е финансиран од фондацијата „Бугарско Сеќавање“ чиј основач е Милен Врабевски познат како финансиер на згаснатите бугарски клубови во Битола и Охрид.
Стевче Митревски
