Договорена потесна координација на активностите меѓу јавните обвинителства и финансиската полиција
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска оствари средба со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов...

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска оствари средба со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов со кого разговараше за потесна соработка и координација на дејствијата меѓу обвинителството и финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон.
На средбата присуствуваа и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и заменикот на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Трајче Пеливанов.
Притоа, беше истакната важноста во следниот период да се вложат уште поголеми напори и да се покаже поголема ефективност во откривањето на незаконски стекнат имот и имотна корист од кривични дела, што ќе се ефектуира со заплена и конфискација во судска постапка.
Иванов, од своја страна, ги потенцираше и предизвиците со кои се соочува институцијата, пред сè во однос на недоволните кадровски капацитети, но и потребата од усвојување на предлогот за измени и дополнувања на Законот за финансиска полиција кој е во собраниска процедура.
