Дијабетичарите излегоа на предупредувачки протест пред Министерството за здравство
И покрај средбата со Меџити лицата со дијабетес одржаа мирен протест пред Министерството за здравство. Потсетија на проблемите со кои се соочуваат и неможноста да ја контролираат количината на шеќер во крвта. Денеска биле информирани дека е потпишан договорот за глукомери и ленти. Добиле и ветување дека децата ќе добијат сензори за мерење шеќер во август...

Средбата со министерот за здравство не го одложи закажаниот протест на лицата со дијабетес. На мирен предупредувачки собир, потсетија на проблемите со кои се соочуваат и неможноста да ја контролираат количината на шеќер во крвта поради недостаток на глукомери и додатоци за апаратот.
Претседателот на Здруженијата на дијабетичари, Велев, истакна дека добиле уверување од ресорот дека во август децата ќе добијат сензори за мерење на глукозата, а инсулински зависните пациенти – глукомери и ленти.
Родителите кои имаат деца со дијабетес штом стигнат најавуваните сензори ќе може финансиски да здивнат, бидејќи месечниот трошок за овие апарати чини 130 евра.
Од Министерството за здравство, посочуваат дека се партнери на оваа категорија пациенти со која заедно ќе ги надминуваат предизвиците. Велат оти е потпишана одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на ленти и дека ќе се бара системско решение со кое нема да се дозволи во иднина доцнење на неопходната терапија.
Анита Димитријевска – Велковска
