Постојните хидро-системи во земјава се стари и со децении без вложувања во нив
Стручњаците предупредуваат дека хидро-системите во државата се во лоша состојба, со децении без вложувања во нивно одржување, од Владата велат се вложува во изградба на капитални инвестиции за изградба на брани и модерни системи...

Хидро-системите во Македонија стареат и во последните 30 години, во нив ништо не е вложено. Земјоделците велат дека тие со години плаќаат надоместок, но ништо од тие средства не се користи за инвестирање во системите. Одржување скоро и нема, единствено ако се случи некоја хаварија, како на „Макарија“се бара итно решение за нејзино премостување. Проблемите во системите за наводнување влијаат врз обезбедувањето на вода за земјоделските култури, за овошките и на нивниот род.
Наспроти реакциите на стручната јавност, дека хидромелиоративните системи се запоставени, стари, оставени на забот на времето и без вложувања во нив, од Владата велат дека државата вложува значајни средства во обезбедување на инфраструктура за наводнување и поливање на земјоделските површини. Премиерот Ковачевски вели дека сериозни се инвестициите во градење на брани и модерни системи.
Двата најголеми хидро-системи во земјава се Брегалница и Тиквеш. Овој вториот, во еден негов крак кој води до Росоман и Градско е вон употребна поради голем дефект и 4 илјади хектари површини се без вода за поливање.
Петар Печков
