Украина

Најев: Војската се подготвува за отпор кон „Вагнер“

22.07.2023 09:33

Киев тврди дека украинските трупи се подготвуваат за отпор кон руската паравојска Вагнер и другите непријателски сили на границата со Белорусија...

Киев тврди дека украинските трупи се подготвуваат за отпор кон руската паравојска Вагнер и другите непријателски сили на границата со Белорусија. Пред два дена, оваа група изведе заеднички воени вежби со белоруската војска речиси еден месец по обидот за бунт кон Москва. И Полска го зголемува военото присуство на својата граница со Белорусија.

„Целта на денешниот состанок е да се провери подготвеноста на силите и средствата директно на границата, особено овде во насока на Белорусија, за соодветен одговор при обид на непријателот, особено на приватната воена група „Вагнер“ да влезе на украинска територија“, изјави Генерал Сергеј Најев, командир на заедничките сили на Украина.

Обединетите нации со најостра осуда за руското бомбардирање на Одеса, Хорноморск и Миколаев.

„Новата серија напади врз украинските пристаништа се закана со далекусежни последици врз безбедноста на храната, особено за земјите во развој. Згора на тоа, како што постојано повторувавме, нападите врз цивилната инфраструктура може да предизвикаат нарушување на меѓународното хуманитарно право“, изјави Розмари Ди Карло, заменик генерален-секретар за политички и мировни работи при ООН.

Нападите следуваа по одлуката на Русија да ја запре Црноморската иницијатива, договор под посредство на ОН за поддршка на испораките на украинско жито до светските пазари.

„Руското повлекување од иницијативата за житото и постојаните цинични напади врз пристаништата, навигациските средства и житните терминали се само обид на Русија да го елиминира конкурентот на пазарот, намерно да ги зголеми цените на храната, и да профитира на трошок на милиони луѓе во светот“, изјави Сергиј Кислица, постојан претставник на Украина при ООН.

За Црноморската иницијатива разговараа телефонски и лидерите на Украина и Турција. За Зеленски приоритет е деблокадата на житниот коридор за да се снабдат 400 милиони луѓе во земјите на кои им се заканува глад. Од Ердоган побара помош при враќањето на воените затвореници од Русија.