Струшката чаршија го губи автентичниот лик
Струшката чаршија го губи автентичниот изглед. Старите мермерни плочки се распаѓаат, а наместо ревитализација се заменуваат со несоодветни материјали. Под притисок на урбаната и градежна експанзија комплетно е изменета и старата градска архитектура. Експертите велат старото струшко јадро треба да се заштити со посебен закон...

Струшката чаршија го губи автентичниот лик. Старите мермерни плочки се распаѓаат, а наместо соодветна ревитализација, тие се заменуваат со разни несоодветни материјали.
Струшката чаршија е симбол на градот на мостовите, дел од културно историското богатство, специфична, единствена и уникатна. Активистите бараат ревитализација за зачувување на автентичноста.
„Во последните години истата се наоѓа во критично лоша состојба, Практично не може да се поминат пет до десет метри на чаршијата, а да не се види испукана плочка, дупки на плочникот. Плочки кои се поставени како замена, а не доликуваат на автентичниот изглед на чаршијата“, вели Глигорие Ќатоски активист.
Чаршијата во Струга, која е најфрекфентното шеталиште што го посетуваат бројните гости е во лоша и критична состојба, небезбедна со дупки и нерамнини на што негодуваат и туристите.
„Јас доаѓам од Австралија од земја од море, од плажи, ама на Струга ваква чаршија не доликува“, вели иселеничка од Австралија.
„Една повозрасна туристка од Холандија не ја виде дупката којашто постоеше на дел од плочникот и падна. Се приближивме да и помогнеме, за среќа немаше посериозни повреди. Сметам дека ова не треба да биде изгледот на чаршијата кој треба да го претставиме пред туристи“, вели Ќатоски.
Под притисок на урбаната и градежна експанзија комплетно е изменета и старата градска архитектура во струшката чаршија. Експертите велат старото струшко јадро треба да се заштити со посебен закон.
Соња Рилковска
