Претпријатијата во Куманово со мерки поради топлотниот бран
Претпријатијата и институциите се придржуваат до препораките на надлежните поради топлотниот бран. Во Куманово екипите на комуналното претпријатие не работат во најтоплите часови од денот. И во детската градинка се почитуваат здравствените препораки. Активностите на дечињата во дворовите се најдоцна до 10 часот...

Во најтоплите часови од денот екипите на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ од Куманово, не се на отворено и не го изнесуваат сметот. Тие работат во три смени, но одмараат кога е најтопло. Ова следи по препораките на надлежните поради топлотниот бран, односно портокаловата фаза, којашто ја зафати земјава. Но и покрај мерките од претпријатието укажуваат дека нема застој во изнесувањето на смет, иако на одредени локации во близина на индустриски капацитети, трговски маркети, се интервенира дури трипати дневно.
„Да ги почитуваме насоките, но и да го заштитиме пред сè здравјето на работниците, донесовме одлука да имаме редуцирано работење од 12 до 17 часот. Екипите ќе излегуваат многу порано, ќе работат до 11 часот на изнесување на смет а подоцна излегуваат во 17 часот“, истакна Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.
Од ова претпријатие посочуваат дека нема да дозволат ширење на зарази на ваквите временски температури. Доколку има потреба ќе се изнајде решение за собирање на сметот. Дневно во летниот период во Куманово со собираат и до 100 тони. Препораките поради топлотниот бран се почитуваат и во детската градинка „Ангел Шајче“. Активностите во дворните површини се спроведуваат најдоцна до 10 часот, информираат од згрижувачката установа. Вработените над 60 години и бремените жени се ослободени од работа. Министерството за труд и социјална политика претходно препорача ослободување од работа на најранливите категории граѓани.
Елена Георгиевска
