Охрид

Збогатување на понудата со тематски апликации за развој на туризмот

22.07.2023 11:01

Тематските апликации за мобилен телефон се светски тренд и се неопходни доколку Охрид сака да биде дел од современите туристички центри. Особено тие се важни за денешните туристи кои на едно место се задржуваат само неколку дена, а притоа сакаат да видат сè што е значајно за дестинацијата што ја посетиле. За странците секако најинтересни би биле апликациите за богатото македонско културно-историско наследство...

Охрид како најзначајна македонска туристичка дестинација на гостите постојано мора да им нуди нови содржини. Дел од нив се тематските апликации за мобилен телефон кои што се широко присутни на светскиот туристички пазар и се интегрирани во други системи за координација и навигација како што е „Гугл мапс“. Особено тоа е важно за промоција на културниот туризам, при што туристите самостојно ќе можат да го следат патот до она што е нивен интерес и да добиваат официјални информации.

„Пример за тематска културна рута може да биде Словенската писменост. Охрид недвосмислено е европски, светски центар за словенската писменост и штета би било да не направиме таква апликација којашто би го водела туристот, но и домашната публика, затоа што не може секој да ги најде тие податоци вака специфицирани и јасно одредени за да можат да ги посетат сите места и точки од интерес за словенската писменост“, изјави проф. д-р Сашо Коруноски, Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Тематските апликации најчесто се бесплатни и она што е многу важно тие содржат текстови и линкови до официјални интерпретации со што ќе се избегне погрешното претставување на македонската историја и култура.

„Ваквите апликации се со стандардизирани содржини. Имено објаснувањата и податоците се толкуваат од официјални извори, нешто што би го спречило произволното, несоодветното толкување што ни се случува од странските туристички водичи за нашата историја пред сè, но и за историјата на културата на пошироките простори“, изјави проф. д-р Сашо Коруноски, Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Преку апликацијата туристите ќе можат да имаат увид и во документи кои потекнуваат од Охрид, а сега се во музеите во Санкт Петербург, Софија или Белград, со што ќе се надополни сликата за историјата на нашата земја.

 

Сашо Нелоски