Украина и Полска го зголемуваат военото присуство на границата со Белорусија
Украина и Полска го зголемуваат военото присуство на границата со Белорусија поради единиците на „Вагнер“ кои се стационирани во сојузничката земја на Русија. Обединетите нации со осуда за Москва поради бомбардирањето на украинските пристаништа со кое се загрозуваат испораките на храна на глобално ниво...

Киев тврди дека украинските трупи се подготвуваат за отпор кон руската паравојска „Вагнер“ и другите непријателски сили на границата со Белорусија. Пред два дена, оваа група изведе заеднички воени вежби со белоруската војска речиси еден месец по обидот за бунт кон Москва.
„Целта на денешниот состанок е да се провери подготвеноста на силите и средствата директно на границата, особено овде во насока на Белорусија, за соодветен одговор при обид на непријателот, особено на приватната воена група „Вагнер“ да влезе на украинска територија“, изјави генерал Сергеј Најев, командир на заедничките сили на Украина.
И Полска го зголемува военото присуство на својата граница со Белорусија. Претходно, рускиот претседател Путин ја обвини Варшава дека веќе формирала единици да влезат во Лавов и други делови од Украина.
„Белорусија е дел од сојузничката држава. Каква било агресија против Белорусија ќе резултира со агресија против Руската федерација, а ние ќе одговориме со сите расположливи средства“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Обединетите нации со најостра осуда за руското бомбардирање на Одеса, Хорноморск и Миколаев. Нападите следуваа по одлуката на Русија да ја запре Црноморската иницијатива, договор под посредство на ОН за поддршка на испораките на украинско жито до светските пазари. Според Москва, сите бродови во Црно Море отсега се сметаат за потенцијална воена цел. Потенцираат дека не се против договор, но за да се вратат бараат спроведување на договореното врз основа на начелата на руското учество во спогодбата.
„Никој не треба да е изненаден од одлуката да се повлечеме од иницијативата по 17-ти јули и крајот на морскиот хуманитарен коридор од полноќ на 20-ти јули по московско време. Сега сите бродови, сите пловила кои се движат кон Црно море и украинските пристаништа се третираат како превозници на воен товар. Поради тоа, земјите под чиешто знаме ќе пловат овие бродови ќе се сметаат за соучесници во украинскиот конфликт од страната на режимот на Киев“, изјави Дмитриј Полјански, заменик-претставник на Руската федерација при ООН.
„Руското повлекување од иницијативата за житото и постојаните цинични напади врз пристаништата, навигациските средства и житните терминали се само обид на Русија да го елиминира конкурентот на пазарот, намерно да ги зголеми цените на храната, и да профитира на трошок на милиони луѓе во светот“, изјави Сергиј Кислица, постојан претставник на Украина при ООН.
За Црноморската иницијатива разговараа телефонски и лидерите на Украина и Турција. За Зеленски приоритет е деблокадата на житниот коридор за да се снабдат 400 милиони луѓе во земјите на кои им се заканува глад.
„За прв пат во историјата на односите меѓу нашите земји, разговарав со премиерот на Етиопија, особено за обидот на Русија да ни го уништи извозот на жито. Околу 20 милиони луѓе во Етиопија се на работ на глад. Ова е една од најкритичните ситуации во светот. Лани украинскиот извоз спаси најмалку еден милион луѓе во Етиопија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Зеленски од Ердоган побара помош при враќањето на воените затвореници од Русија. Војната во Украина трае речиси година и пол.
Маја С. Филдишев
