Нов бран поплави и се заканува на Србија

20.05.2014 10:41

Ноќта во Шабац минала мирно, но има опасности од пробивање на насипите. Во Србија досега се евакуирани повеќе од 30 илјади и 800 луѓе. Третина од нив се жители на Обреновац. Таму ситуацијата е најтешка...

И натаму е најтешко во Обреновац, каде што во тек е евакуацијата на населението кое се прифаќа во центрите во Белград. Досега се раселени 30-тина илјади во неколкуте колективни кампови. Цела ноќ во Обреновац траеше борбата со надојдените води од реките Сава и Колубара. На загрозените подрачја уништени се над 80 илјади хектари обработлива површина, што го отвара прашањето на подоцнежното снабдување со храна на овдешното население.

И термоелектрание во областа се на удар на стихијата. Кај Костелац ноќеска е стабилизирана состојбата со помош на меѓународните експертски тимови. Да потсетиме, во Обреновац се и припадниците на македонската армија и на полицијата, кои речиси една недела се деноноќно на терен.

Помошта во Србија пристигнува постојано. ЕУ ги отвори фондовите на солидарност. Се смета на околу милијарда евра. Она што сега е актуелно и дополнително загрижува се денешните високи температури кои по пустошот од водената стихија висока и до три метра, сега навестуваат опасности и од тешки заразни болести. Водата и понатаму не е за пиење во Обреновац, Шит и другите места покрај Сава и Колубара.  Во Белград е најавена и опасност од излевање на Дунав, во четврток и петок што дополнително ја отежнува и онака драматичната состојба.

 

Зоран Богатинов