Деца од дијаспората воодушевени од Македонија
Веќе трета година организацијата основана од македонската дијаспора „Дваесет-дваесет и пет“, организира камп за високотехнолошка извонредност за деца на наши иселеници и нивни врсници од земјава. Примарен фокус на кампот е развивање и надградување на нивните способности, но во истовреме тие се запознаваат со родната земја на своите родители, македонската култура и традиции...

Во фокусот на годинашниот камп што го организира „Македонија 2025“ е развивањето на способностите на учесниците во областа на програмирање, роботика и кодирање, како и решавање на секојдневни проблеми. Оваа година примарна е една од целите на ОН за одржлив развој, односно целта 7 – енергија за сите. Во проектот се вклучени 25 деца на возраст од 11 до 15 години од САД, Словенија, Хрватска, Кипар и од земјава, кои меѓу другото се запознаваат со македонската култура и традиции.
„Јас сум од Словенија, кампот многу ми се допаѓа. На кампот најмногу ме интересира лего коцки и роботика“, изјави Дејан Бојаџиски-Словенија.
„Многу ми е убаво тука во Македонија. Имам многу нови другарки тука во кампот и многу ми е интересно“, рече Миа Ицев-Сиетл САД.
„Јас сум Никола од Кипар, јас имам 11 години и ова е прв пат после три години да дојдам во Македонија и прв пат во Охрид“, изјави Николаос Адам-Кипар.
„Јас зборувам македонски во мојот дом и во училиште зборувам англиски. Убаво е тука, имам многу добри другарки тука“, додаде Јована Станковиќ-САД.
На овој начин се исполнува една од целите на организацијата „Македонија 2025“ да не се заборави родната грутка на предците, а во истовреме децата и нивните родители да имаат желба да се вратат или да инвестираат во земјава.
„Една од мисиите на нашата организација е токму тоа, на еден начин да ги канализираме средствата на успешните бизнисмени и лицата кои живеат во дијаспората и на еден начин нивно враќање во сопствената земја. Ние ги организираме овие проекти и ги подобруваме условите за живот и работа во нашата земја“, изјави Нена Манчев-програмски менаџер за образование и лидерство.
Поголемиот дел од децата се родени во странство и тие се импресионирани од родната земја на нивните родители, а преку секојдневната дружба го усовршуваат и македонскиот јазик.
Сашо Нелоски
