Источниот регион во опасност од чести пожари на градските депонии
Изградбата на регионална депонија кај Мечкуевци, Свети Николe, е решение на проблемот со палење на депониите во источниот регион, велат надлежните. Најчесто се палат кочанската, штипската и виничката депонија, некогаш заради високите температури и неселектираниот отпад, но се палат и намерно за топење на кабли и метални предмети...

Палењето на депониите во источниот регион е честа појава. Горештините само го акцентираат проблемот кој е присутен цела година и според надлежните најчесто настанува со палење оган за топење на метали кои се собираат од депониите. Деновиве огнот од штипската депонија „Трештена Скала“ се прошири и опожари четириесеттина хектари од полето. Јавното претпријатие не може да ја обезбедува целата депонија, видеонадзор има само на влезот.
Депонијата кај село Лески е еден од најголемите проблеми на Општина Виница, вели градоначалникот. Неколку пати е третирана со специјални алги, но резултатите се краткорочни. Според планот за регионалната депонија кај Мечкуевци, наскоро депонијата кај Лески ќе се затвори.
„Ова не е решение, ова е еколошка катастрофа“, реагираат кочанските екологисти. Велат депонијата често се пали и носењето на отпадот од Виница и другите населени места само ќе го зголеми проблемот. До надлежните институции доставија предлози за решавање на проблемот, како третирање на отпадот со алги, набавка на поголем багер, бушотини за вода и постојан видеонадзор на депонијата во Кочани.
Славица Величковска
