Украина

Руски напад врз Одеса

23.07.2023 11:38

Едно лице загина, а уште 18 се повредени во рускиот напад врз Одеса изутринава. Уништени се административни и станбени згради, како и катедрала...

Едно лице загина, а уште 18 се повредени во рускиот напад врз Одеса изутринава. Уништени се административни и станбени згради, како и катедрала.

„Експлозија, ништо не ми е јасно, целосна темница. Врз мене ми паднаа стакла и цигли. Ништо не можам да видам, го зедов телефонот, не гледам ни него зашто е со прав. Потоа слушнав уште една експлозија, па друга“, изјави жител.

„Ја погоди десната страна. Ова е олтарот на десната страна. Катедралата е поделена на три дела“, додаде друг жител.

„Ми пишаа дека црквата гори. Бев збунет зашто црквата не е само украс на градот и на Украина, туку и на целиот православен свет. Ова е архитектонски споменик. Незамисливо беше да се изгради повторно кога ја уништија Болшевиците, но успеавме“, изјави жител.

Според руската војска, во нападите од украинските сили има ранети новинари. Едниот од нив им подлегнал на повредите во Запорожје.

„Новинарите беа веднаш евакуирани во теренски амбуланти на руското Министерство за одбрана каде што добиваат соодветна медицинска нега. За време на евакуацијата, Ростислав Журавлев, новинар на новинската агенција РИА-Новости, почина од повредите предизвикани од експлозија. Останатите се во стабилна состојба: Не постои закана по животот“, изјави Вадим Астафиев од руската војска.

Украинскиот претседател Зеленски разговарал со генералниот секретар на НАТО Столтенберг за побрз прием во Алијансата. Потврди дека Советот на Украина и НАТО ќе дискутира за најновата ситуација на Црно Море и пропаѓањето на договорот за житото со Русија.

„Приоритетот не се менува: најбрз прием во НАТО кога ќе дозволат безбедносните услови. Само тоа ќе ни биде солидна гаранција за мир и сигурност за цела Европа. Секоја дестабилизација на регионот и попречување на извозните рути ќе значи проблем со соодветни последици за сите во светот. Кризата со цените е најмалата од можните последици“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

Претседателот на Белорусија во посета на Санкт Петербург. Агендата опфаќа и средба со неговиот руски колега Путин. Главни теми се билатералните односи, стратегиското партнерство и соработката во сојузничката држава.

 

Маја С. Филдишев