Уставни измени

На 25 јули, пред пратениците во Уставната комисија ќе се најде текстот на уставните измени произлезен од договорот со Бугарија

23.07.2023 14:56

На 25 јули, пред пратениците во Уставната комисија ќе се најде текстот на уставните измени произлезен од договорот со Бугарија. Според амбасадорот Ристо Никовски, ова е држава создадена во Втората светска војна во борбата против бугарските, и затоа Бугарите не можат да бидат основачи на современа Македонија. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е оптимист и верува дека со гласањето на амандманите, политичките партии ќе испратат порака до своите следбеници дека работат за доброто на земјата...

Понижувачки за државата ќе биде доколку пратениците ги изгласаат уставните измени, а со тоа бугарската заедница да стане дел од највисокиот правен акт на државата. Според амбасадорот Никовски, ова е држава создадена во Втората Светска војна во борбата против бугарските фашисти, и затоа бугарите не можат да бидат основачи на современа Македонија. Уставот е национален документ – додава Никовски. Бугарија не го признава македонскиот народ, историја, јазик, ниту нашето малцинство кое живее таму од неколку стотици илјади граѓани, вели амбасадорот.

„Од внатре тие многу полесно ќе ја уриваат нашата држава, многу полесно ќе се обидуваат да игнорираат постоење на македонски народ и јазик. Ако ги ставиме во Уставот тие веднаш потоа ќе бараат да имаат и национален фолклорен ансамбл, како „Танец“, ќе бараат да имаат свој театар, бугарски театар и во државава нема да имаме македонски театар по нивици ама затоа ќе имаме албански, турски и бугарски веројатно“, изјави Ристо Никовски – аналитичар.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е оптимист и верува дека со гласањето на амандманите, политичките партии ќе испратат порака до своите следбеници дека работат за доброто на земјата. Вели дека не се менува суштината и концептот на Уставот, само се вметнуваат дополнителни заедници што значи би значело нивно поголемо интегрирање во уставно-правниот систем.

„Тој концепт не е направен поради бугарите туку е направен поради сите заедници кои живеат во Македонија и мислам дека треба малку и во јавниот дискурс да се увиди, овде не се работи за вметнување на бугарските бугари, во нашиот Устав туку за вметнување на наши граѓани од разни етнички потекла во нашиот Устав со што мислам и дека нивното чувство кон државата ќе биде зајакнато“, изјави Алберт Муслиу – аналитичар.

На 25 јули, пред пратениците во Уставната комисија ќе се најде текстот на уставните измени произлезен од договорот со Бугарија. Пленарната седница за амандманите е закажана за 18 август.

 

 

Андријана Ѓурческа