Противпожарните екипи во Грција се борат со 82 пожари низ целата земја
Евакуации се спроведуваат на североисточната страна на островот Крф и во северен Пелопонез. Во спасувачките акции се вклучени и приватни пловила...

Противпожарните екипи во Грција се борат со 82 пожари низ целата земја, од кои 64 почнаа вчера, денот кој беше проценет како најтоплиот годинава. Евакуации се спроведуваат на североисточната страна на островот Крф и во северен Пелопонез. Во спасувачките акции се вклучени и приватни пловила. Грчкото Министерство за климатски промени и цивилна заштита потврди дека е извршена досега најголемата евакуација. Според полицијата, евакуирани се повеќе од 30.000 луѓе низ целата земја.
„Помошта од меѓународните мисии е важна. На терен се вклучени триесетина словачки пожарникари кои оперираат со четири возила, а од воздух интервенираат два француски авиона, заедно со два турски и еден хрватски“, изјави Јанис Артопојос - портпарол на противпожарната единица.
Туристите на островот Родос, веќе втор ден чекаат лет за да се вратат дома. Дел од нив заминаа во засолништа отворени во училишни згради. Локалните пожарникари добија поддршка од Романија.
„Се обидовме да најдеме хотелски соби, а во исто време, и да сместуваме луѓе во конференциски сали, спортски центри, училишта. На сите им беше обезбедено легло, вода, храна и лекови. Важно е да се нагласи дека локалните жители ни дадоа поддршка, имаме многу волонтери. Аеродромите не престанаа со работа. Немаше прекин на летовите. Авионите доаѓаа и заминуваа зашто само мал дел од островот е зафатен со пожари“, изјави Олга Кефалојани - министер за туризам на Грција.
„Успеавме брзо да ги спакуваме торбите и му се јавивме на сопственикот на сместувањето. Таа е вистински херој. Не собра и не одвезе на аеродромот преку друга страна. По пат видовме автостопери. Ние имавме среќа“, изјави турист.
„Волонтерите се одлични, имаме храна, вода, сè што ни треба“.
„Живееме во градскиот центар, па сме безбедни. Сега сакаме да им помогнеме на другите. Жал ми е за селата што изгореа“, изјави жител.
Предупредувања се издадени за пет региони во Грција. Меѓу критичните точки, според властите, е и островот Крит каде што денеска беше регистриран и земјотрес од 3,6 рихтери. Во Кавала и Сер имаше невреме. Температурата во оваа медитеранска земја и натаму се движи околу 40. целзиусов степен.
Маја С. Филдишев
