Македонија

Пожари, паднати дрвја и штети кај земјоделието предизвика вчерашното невреме во источниот регион

24.07.2023 12:07

Краткотрајното невреме вчера попладне во источниот регион предизвика брзо ширење на неколку пожари во Штип, Кочани и Пробиштип. Пожарникарите интервенираа и во расчистување на патиштата кои беа блокирани од паднати дрвја. Регионот на Пробиштип беше зафатен со град, кој предизвика штети на земјоделските култури...

Силниот ветар вчера попладне предизвика пожари на неколку локации во Кочани и Штип. Искрење на стара електрична мрежа предизвика пожар во дворно место во село Жиганци, кочанско, кој за многу кратко време се проширил. Интервенирале селаните и противпожарната единица.

И штипските пожарникари вчера попладне се бореа со пожари на две локации кои заради силниот ветар беа сериозна закана за градот.

Регионот на Пробиштип беше зафатен со невреме и град. Од Општината апелираат граѓаните да пријават штети до надлежната комисија. Првичните информации се дека се штети има кај градинарските култури и овошките. Вчера во прекин беа и патните правци меѓу пробиштипските селата Ратавица, Киселица и Легово заради паднати дрва.

 

 

Славица Величковска