Македонија

Успешна спасителна акција на Галичица

24.07.2023 13:03

Спасени тројца странски туристи кои се изгубиле во планината. Ова е четврта акција, на Планинската спасителна служба во југозападниот регион во земјава, за само еден месец. Од таму апелираат посетителите да бидат внимателни...

Успешно пронајдени тројца изгубени странски туристи во НП Галичица. Лицата, вчера утрото се упатиле по пешачкиот дел на Галичица, но се изгубиле, па попладнето побарале помош од ЦУК. Галичица е отворена за туристички цели пешачење, параглајдинг, возење четириколки, но посетителите мора да го пријават своето присуство и да ја напуштат планината најдоцна до 20 часот.

Од Планинската спасителна служба ги повикуваат посетителите да бидат внимателни и да се движат само во рамките на обележаните патеки.

„Апелот да ги почитуваат правилата на планината, да се приспособуваат на условите кои владеат на планината, соодветно да се опремат и да носат доволно количество на храна и вода и телефон со полна батерија за да може да повикаат помош доколку тоа е потребно“, вели Антонио Додески од Планинската спасителна служба.

Изгубени, дезориентирани, паднати и повредени во провалија се најчестите интервенции на планинската служба, која има доволно опрема и кадар за спасување во планина во целиот регион.

„Имаме доволно ресурси, може да кажам, за решавање на сите комплексни операции коишто би можеле да се случат во нашиот регион и во лето и во зима. Така што имаме доволно возила, имаме доволно едуциран кадар“, додава Додески.

Само за еден месец Планинската спасителна служба која го покрива регионот Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца, имала четири посериозни интервенции на спасување во планина.

 

Соња Рилковска