Лидерите на Алтернатива, БЕСА и „Огнените“ ќе разговараат за можно заедничко политичко дејствување
Во најава можност за окрупнување на опозициските партии од албанскиот кампус. Изет Меџити кој најави формирање на нов субјект, со Гаши од „Алтернатива“ и Касами од „БЕСА“ на заедничка средба. Од „Алтернатива“ велат дека целта е да се создаде силен фронт што ќе ја прати партијата на ахмети во опозиција...

Тројцата лидери на опозициските партии од албанскиот блок на иста маса. Африм Гаши од „Алтернатива“, Биљал Касами од „БЕСА“ и Изет Меџити, поранешниот член на ДУИ кој најави формирање на нов субјект ги разгледуваат можностите за соработка за идното политичко дејствување. Целта е окрупнување и обединување против ДУИ оти партијата на Ахмети не се грижи за граѓаните, велат од Алтернатива, од каде што потврдуваат дека се заинтересирани за создавање силен опозициски фронт за промени.
Во албанскиот кампус на политичката сцена веќе има поместување, откако Изет Меџити со уште една пратеничка од ДУИ ја напуштија партијата и за 13-ти август, најавија дека ќе формираат ново движење, на коешто му се приклучува и независниот пратеник Кастриот Реџепи.
„Алтернатива“, пак, излезе од Владата по влезот на „Алијансата за Албанците“ на Таравари во извршната власт.
Во меѓувреме, се огласија од ДУИ, од каде што рекоа дека против партијата се создава хибриден-економски политички центар.
Игор Панов
