Даночната реформа пред пратениците
Трите закони за даночните реформи со европско знаменце во собраниска процедура. Во комисијата почна расправа. Власта уверува дека солидарниот данок ќе помогне да се ублажат последиците од кризата. Коморите реагираат, не помина барањето на ВМРО-ДПМНЕ за организирање јавна расправа...

Законите за даночната реформа влегоа во Собрание. По скратена постапка и со европско знаменце ја одминаа матичната комисија. Министерот Бесими за солидарниот данок образложи дека станува збор за вонреден, антикризен данок, кој не е неутрален и за кој се запазени принципите на солидарност.
Пратениците од опозицијата посочија дека во текстот не е експлицитно наведено кому ќе му бидат дадени парите што ќе се земат од фирмите со екстра профит. Опонентите им одговорија дека ваквите решенија се европска пракса и оти легислативата била доволно јасна.
Претходно беше одбиено барањето на ВМРО-ДПМНЕ да има јавна расправа за законското решение. Пред пратениците се Данокот на солидарност, Законот за ДДВ и Законот за добивка. Законот за данокот на солидарност е предвиден како еднократна давачка за оние кои лани оствариле приход над 615 милиони денари, пари што ќе се користат за ублажување на последиците од кризата. Предвидено е намалување на ДДВ за менструалните производи, зголемување за пелетите.
Катерина Топалова
