Израел

Продолжува хаосот по изгласаниот закон во Израел

25.07.2023 09:13

Хаосот на улиците во Израел и натаму владее откако полицијата со водени топови успеа делумно да ги растера демонстрантите...

Хаосот на улиците во Израел и натаму владее откако полицијата со водени топови успеа делумно да ги растера демонстрантите кои останаа и по полноќ да протестираат по усвојувањето на спорниот закон за реформи во судството предложен од премиерот Нетанјаху.

Нервозен возач на автомобил влета во толпата која го блокираше автопатот. Повредени се три лица.

Премиерот Нетанјаху ги отфрли критиките и рече дека е спроведен неопходен демократски чин чија цел е да се врати рамнотежата меѓу гранките на власта. Најави обнова на дијалогот со опозицијата.

„Веќе во наредните денови ќе контактираме со опозицијата. Подготвени сме за дијалог веднаш. Да разговараме дури и во време на одморот на кнесетот и да постигнеме сеопфатен договор. Се сложуваме дека во Израел мора да има силна демократија, дека ќе продолжат да се штитат индивидуалните права и дека судот ќе остане независен и ниту една партија нема да го преземе“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел

Организаторите на протестот, пак, најавија дека нивната борба ќе се интензивира и на крајот Израел ќе биде демократска земја. Со реформата се укинуваат овластувањата на врховниот суд да поништува одлуки на владата и парламентот за кои смета дека се неразумни и штетни.