Кинотека

Кинотека ја одбележува 60 годишнината од скопскиот земјотрес

25.07.2023 09:45

По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Кинотеката на РС Македонија премиерно ќе го прикаже дигитализираниот филм МЕМЕНТО на Димитрие Османли...

По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Кинотеката на РС Македонија премиерно ќе го прикаже дигитализираниот филм МЕМЕНТО на Димитрие Османли. На 26 јули, со почеток во 18 часот и проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ по повод земјотресот во Скопје, како и проекција на МЕМЕНТО, Кинотеката ќе се приклучи кон одбележување на овој значаен ден кој пред 60 години го промени животот на овој град.

По разорниот земјотрес меѓународната заедница или поточно 87 земјите, ги здружија силите за да им помогнат на скопјани и за прв од почетокот на таканаречената Студена војна, американските и советските воени сили работеа рамо до рамо во корист на цивилите, со цел да изградат домови, училишта и болници. Затоа и денес во Скопје има улици и згради чии имиња се длабоко поврзани со градовите и државите Германија, Полска, Мексико, Романија, Канада, Чехословачка, Полска, Индија, Финска, Обединетото Кралство, Јапонија, Русија, САД итн.

Уште во 1964 година, годината по земјотресот, во спомен на жртвите од земјотресот, но и во спомен на солидарноста на светот и нациите започнале да се одржуваат манифестациите „Средби на солидарноста“. Овој меѓународен настан донесе многу светски познати музичари и уметници во Скопје како Голден Гејт квартетот, сликарот Пабло Пикасо, Жилбер Беко, Шарл Азнавур, Зубин Мехта итн., па затоа, денес Скопје гордо ја носи титулата „Градот на солидарноста“.

Кинотеката, по повод ова одбележување ќе прикаже извонреден избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ кои се снимени по земјотресот под заеднички наслов „БЛАГОДАРАМ ПРИЈАТЕЛИ“. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, но тие се и значајни заради тоа што во нив е документирана и меѓународната помош. Дел од овој избор се филмовите: „Благодарам Пријатели (помош од Велика Британија)“, „Благодарам Пријатели (помош од Чехословачка)“, „Благодарам Пријатели (помош од Светскиот совет на црквите)“, „Благодарам Пријатели (помош од САД)“ и „СР Хрватска за Скопје“.

МЕМЕНТО на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и раскажува приказна за Јана која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното минато и семејната трагедија која ј доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје, се вели во соопштението на Кинотека.

 

 

 

 

Фото:/ Facebook/ Кинотека на Р.С.М