ИЗИИС

Скопје со низа настани ја одбележува 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес

25.07.2023 13:20

Скопје во пет и седумнаесет. Со низа настани одбележување на 60-годишнината од катастрофата, која целосно го измени ликот на главниот град. Загинаа 1.070 граѓани, над 3 илјади беа повредени. Хуманитарна помош пристигнуваше од секаде, светот се обедини за повторно да го издигне Скопје, кој подоцна го нарекоа град на солидарноста…

Под урнатините на градот во 26-тото јулско утро во 63-тата година останаа затрупани 1.070 биографии, радости, дилеми, планови за иднината. Над 3.000 наши сограѓани беа повредени. Земјотресот урна домови, згради, јавни објекти. Беше оштетена безмалку целата инфраструктура. Едноставно природната стихија со својата разурнувачка моќ го смени ликот на главниот град. Македонија е трусно подрачје, не смее да се девалвираат стандардите на асеизмичкото градење, порача шефот на државата, Пендаровски.

Во Скопје има детални урбанистички планови кои сакаат шверцерски да ги протнат, обвинува градоначалничката Арсовска. Побара хумана урбанизација на градот, но и почитување на критериумите за градење, за да не се повтори катастрофалниот земјотрес што се случи пред шест децении.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија организираше повеќе едукативни работилници за деца и млади, отворени денови и научни средби.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Скопје е формиран во 1965-та година и е светски признаена институција.

 

Ана Јосифоска Тодоровска