Македонската помош пристигна во Белград
Во Белград стигна и ковојот со хуманитарна помош од Македонија. 200 тони храна, 100 тони вода, хигиенски прибор, облека, ќебиња... Ова е дел од донираните работи од граѓаните што ги дистрибуираше Црвениот Крст на Македонија во Србија...

Помошта што вчера беше испратена преку Црвениот Крст на Република Македонија, за загрозените подрачја во Србија, пристигна изутрината во Белград.
„Патот беше комплетно организиран од страна на Република Македонија и од страна на Србија. Лесно поминавме без некои потешкотии и големи царински процедури, па сега се чека истовар на целата помош која пристигна од Република Македонија“, вели за МРТ Оливер Гичевски од Црвениот крст на Македонија.
Во првиот контингент со македонска помош во Белград пристигна пет камиони, но се подготвува и останатата помош која се пакува во Скопје, и која се чека да пристигне во наредните денови.
„Во пратката што денеска пристигна во Белград има три камиони со вода, а другите два се мешани, односно има и хигиенски пакети и пакети со храна“, истакнува Гичевски.
Се потенцира дека повеќе е потребна помош во вода и храна. Постојано во сите српски печатени и електронски медиуми се потенцира помошта која се собира во Македонија за настраданите од поплавите во регионот.
Зоран Богатинов
