Регион

Пожари во Грција, невреме во Европа

26.07.2023 12:03

Не стивнуваат пожарите на грчките острови Родос, Крф и Евиа. Прогласена тридневна жалост за жртвите од пожарите. Италија погодена и од невреме и од пожари. Пожари и во Португалија и во Тунис. Илјадници се евакуирани...

Додека поголемиот дел од Балканот се справува со штетите од силното невреме, портокалово предупредување е издадено во неколку држави за изобилни врнежи проследени со грмежи и силен ветер. Грчките острови пак, цела седмица се зафатени од пламени јазици. Прогласена тридневна жалост за жртвите од пожарите. Стотици грчки пожарникари со помош на колегите од Европа се борат со огнената стихија на Родос, Крф, Евиа. Температурите се екстремно високи и до 45 степени, ветерот дополнително ја отежнува ситуацијата.

„Немаме клиенти затоа ќе бидеме затворени“, изјави Апостолос Карагианис-директор на хотел.

„Ова е катастрофа. Главниот приход на овој остров е туризмот. Ако сега имаме откажувања и луѓето од страв нема да го посетат островот – тоа ќе биде катастрофа“, изјави Василис Софицис-бизнисмен од Крф.

Состојбата со пожарот во Дубровничката жупанија е поповолна, огнениот фронт е долг дури 5 километри, воздухопловните сили утринава им помогнаа на пожарникарите на терен. Пламените јазици забрзано се шират кон Босна и Херцеговина.

„Јас живеам овде, не е толку блиску, но овие куќи се сигурно во опасност“, изјави жител на Хрватска.

„Беше страшно синоќа. Не го очекувавме ова“, додаде жител на Хрватска.

Италија, пак, погодена од две екстремни временски појави. Додека на северот од земјата беснееше силна бура, на југот на Сицилија беснеат неколку пожари. Има загинати и повредени. Шумски пожар и во Португалија, во близина на Лисабон. Како мерка на претпазливост евакуирани над 70 луѓе.

„Веќе поставивме контролни зони. Ветерот предизвикува ширење на пожарот на одредено растојание. Како превенција евакуиравме главно постари лица, кои што се видно вознемирени“, изјави Карлос Кареирас-градоначалник на Кашкаи.

Пожари има и во Тунис. Во долготрајниот топлотен бран во ек на туристичка сезона, повеќе од 40 луѓе загинаа, најголем дел во Алжир, во пожарите кои го зафатија Медитеранот и опфатија повеќе села и туристички места. Илјадници се евакуирани.

 

Маријана Димовска