Скопје

60 години од катастрофалниот земјотрес

26.07.2023 12:15

26 јули, 5 и 17 часот, се случи катастрофалниот земјотрес. Многу страдалници останаа под урнатините, наоколу плач и повикување на помош. Загинаа над илјада луѓе. Човековата хуманост и солидарност во висината на задачата. Дел од експертите сметаат дека потфрли урбанистичкиот развој на градот. Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес...

26 јули, 5 и 17 часот, запре животот во Скопје, земјотресот испиша тажни човечки приказни. По катастрофата што му се случи на градот, целиот свет се обедини да им помогне на настраданите и во обновата на градот. Граѓаните заедно со припадниците на армијата, тогашната милиција, како и припадниците на цивилната одбрана, презеле итни мерки за извлекување на населението заробено под урнатините.

Штета претрпеа и многу објекти кои не беа асеизмички градени. Дел од експертите сметаат дека при обновата потфрли урбанистичкиот развој на градот. Ако Скопје беше разрушено со земјотресот во 63-тата, уште посериозни последици претрпе во транзицискиот земјотрес во 90-тите, вели деканот на градежен, Горан Марковски. според него, во урбанизмот грешките скапо се плаќаат.

Меморијалот за 60-годишнината од земјотресот да го посветиме токму на значењето на човечноста, на волјата на луѓето да ги премостуваат сите искушенија и да имаат капацитет и повредени да ги прескокнуваат замките и оградите на патот, порача претседателот Пендаровски.

Скопје виде многу херои, Скопје почувствува многу пријателство и љубов, рече министерката за култура, која додели благодарници за солидарност.

Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот. Културна и музичка програма на неколку локации низ главниот град.

 

Ана Јосифовска Тодоровска