Сеќавања од земјотресот

Во тешки услови по земјотресот, лекарите работеле три месеци од утро до вечер на Клиника, се сеќава Софијанов

26.07.2023 12:41

Ќе касневме нешто што ќе ни донесеа, ќе одморевме пола до еден час и повторно работевме, се сеќава проф. д-р Никола Софијанов. Неговата семејна куќа, речиси целосно била уништена во земјотресот…

Вообичаена топла летна ноќ, ништо не најавувало дека утрото силниот татнеж ќе ги сруши сите планови на професор доктор Никола Софијанов, кој на 29 години со неговите колеги ги правеле изминатата вечер, на скопското корзо.

Разурнати куќи, прав, вресоци и многу повредени, се сеќава докторот во пензија. Тој ден им помагал на луѓето од неговото маало. Во Клиничкиот центар, во тешки услови се пружала лекарска помош на отворено, во шатори и импровизирани амбуланти. За лекарите најголем предизвик биле децата.

„Болни доаѓаа и веќе ги стававме во шаторите што ги претворавме во оддели, според проблематика. Но, голем проблем беа бебињата, малите доенчиња, новороденчињата. Тие не можеа да се сместат во шатори, таму беше топло, ќе дехидрираа и ништо немаше да биде од нивното згрижување. За среќа, ни беа дадени бараките на Средното медицинско училиште, кои останаа неразрушени“, вели проф. д-р Никола Софијанов.

Во такви тешки услови лекарите работеле три месеци, се сеќава професорот. Клиничкиот центар бил саниран по една година и со помош на донации. Сите медицински лица биле наградени со орден за заслуги од поранешна Југославија.

„Не знаевме кога е дење, а кога е ноќе. Сето тоа ни беше едно големо дежурство. Од утро до вечер на Клиника. Ќе касневме нешто што ќе ни донесеа, ќе одморевме пола до еден час и одевме на работа. Кога ги посетувавме болните или кога интервениравме за некое болно дете, тоа беше одење десетици и десетици метри, но издржувавме“, додава Софијанов.

Семејната куќа на доктор Софијанов, која се наоѓала спроти сегашната Влада, речиси целосно била уништена во земјотресот. Пензионерските денови сега ги минува во Трнодол, во барака подарена од Светскиот сојуз на цркви.

 

Андријана Ѓурческа