Матурантите во петок ќе танцуваат квадрил и салса

20.05.2014 13:53

Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга...

Околу 1.300 матуранти по осми пат в петок на градскиот плоштад „Македонија“ ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.
 
Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и T-Mobile. Помагатели се компаниите Горска и Секуриком. Медиумски покровител е Македонското радио-Радио Скопје, кое ќе го преземе радио сигналот од Словенија.
 
Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство.