Гир: Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж, тие случаи ќе бидат проследени во ОЈО
Од започнатите истраги, ОЛАФ доставила седум препораки до европските институции и македонските власти. Евроамбасадорот Гир – ја потврдува бројката, но без детали за самите истраги. Во Македонија пристигнува Лидерот на тимот на оценувачка мисија на ЕУ која ќе ја следи работата на Судскиот совет. Во наредните два дена ќе биде опсервирана работата на овој правосуден орган...

Според податоците на Европската служба против измами, од 36 истраги покренати за земјите-кориснички на фондовите на ЕУ од Западен Балкан, 18 од нив се однесуваат на Македонија. Од започнатите истраги, ОЛАФ доставила седум препораки до европските институции и македонските власти. Евроамбасадорот Гир – ја потврдува бројката, но без детали за самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги – вели Гир. Доколку ОЛАФ открие малверзации во трошење на европските пари, европската Унија ќе го проследи случајот до Основното Јавно обвинителство-предупреди евроамбасадорот.
„Ако истрагите на Европската служба против измами – ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
Шефот на ЕУ делегацијата во земјава потврди дека Европската служба против измами со седиште во Брисел подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.
А во Македонија пристигнува Лидерот на тимот на оценувачка мисија на ЕУ која ќе ја следи работата на Судскиот совет. Во наредните два дена ќе биде опсервирана работата на овој правосуден орган. Ќе бидат предложени краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ.
Марина Стојанова-Тонева
