Лидерот на Нигер, приведен од војската
Полициски час, затворени граници, блокирани институции по државниот удар во Нигер. Лидерот на земјата е приведен од војската, Вашингтон и ОН му ветија помош...

Воен преврaт во Нигер. Армијата го зароби претседателот Базоум, клучен сојузник на Западот во борбата против исламистичките бунтовници во Западна Африка. Суспендирани се сите институции, границите се затворени. Воведен е и полициски час. Претседателската гарда со предупредувачки истрели успеа да ја растера толпата која се собра да му даде поддршка во главниот град Ниамеј.
„Силите на одбраната и безбедноста, реобединети како Национален совет за безбедност на државата одлучи да му стави крај на досегашниот режим. Ова е резултат на континуираното деградирање на безбедносната ситуација, лошата економска и општествена политика“, изјави полковник Амаду Абдраман - портпарол на пучот.
Претседателот се огласи на Твитер. Рече дека ќе успеат да ја зачуваат демократијата – во тоа да бидат сигурни сите граѓани кои ги сакаат демократијата и слободата.
Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ЕКОВАС со осуда. Побараа бунтовниците да го ослободат Базоум и да се вратат во касарните. Ист апел и од САД, ЕУ и ОН.
„Внимателно ја следиме ситуацијата во Нигер. Разговарав со претседателот Базоум и му кажав дека ја има поддршката од САД, како демократски избран лидер на Нигер. Бараме да биде ослободен веднаш. Го осудуваме секој обид за насилно преземање на моќта“, изјави Ентони Блинкен - државен секретар на САД.
Нигер има долг историјат на воени удари откако прогласи независност од Франција во 1960 година. Преземањето на власта од страна на Базоум во 2021 година беше првото преминување кон демократија. Поголемиот дел од африканскиот регион Сахел се справува со исламистички бунтови. Државни удари беа организирани и во Буркина Фасо и Мали предизвикани од револтот на џихадистите.
Маја С. Филдишев
