Вработените во МИА на предупредувачки протест, бараат поголеми плати
Зголемување на платите и системско решение за финансирање со процент од буџетската каса, бараат вработените во Медиумската информативна агенција. Велат дека се револтирани од односот на Владата...

Зголемување на платите согласно колективниот договор и усогласување на трошоците со живот, побараа вработените во Медиумската информативна агенција, МИА, кои излегоа на протест. Рекоа дека се револтирани од игнорантскиот однос на владата, бидејќи нивното барање повеќе месеци не било ставено на дневен ред на седница. Последно зголемување на платите имале пред четири години.
Протестот се организираше со поддршка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Синдикатот на медиумски информативни агенции. Оттаму рекоа дека решението е носење на закон за агенцијата, за МИА да не се финансира од Владата, туку, буџетирањето да биде со процент од Буџетот што однапред ќе биде договорен.
Вработените во МИА рекоа дена овој протест бил предупредувачки. Ако не им се исполнат барањата, најавија порадикални чекори.
Александра Спировска
