ЕУ

Мисија за оценување на работата на судскиот систем

27.07.2023 16:23

Македонското правосудство под лупата на Брисел. Хрватскиот правник Бранко Хрватин и експерти од Европската унија од денеска се во Скопје. Ја анализираат работата на Судскиот совет. Мисијата следува откако и ЕУ и САД јавно ја критикуваа состојбата во македонското судство и незадоволителните резултати во областа на владеењето на правото и борбата со корупцијата...

Судскиот совет под лупа на Европската комисија. Загрижени поради последните случувања во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата, експерти од ЕУ ќе го оценуваат работењето на советот. По низата скандали и превирања, во оценка мисија на земјава пристигна Бранко Хрватин кој е поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска со тим од земји-членки на ЕУ.

Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро потврди дека мисијата за оценување на работата на Судскиот совет и неговата правна рамка е со цел да се зајакне транспарентноста, независноста и кредибилитетот на советот, вклучително и на неговите членови. Прво ќе биде идентификуван обемот на работата на ова највисоко судско тело. Потоа треба да бидат предложени долгорочни и краткорочни мерки, вклучително и институционални и законодавни активности, со цел зајакнување на независноста, непристрасноста и доверливоста на Судскиот совет.

Според Брисел комисијата внимателно ја следи ситуацијата во земјава во врска со спроведувањето на реформите. Се советува скринингот треба да се искористи за да се забрзаат ЕУ реформите.

 

Андријана Ѓурческа