Ин мемориам

Почина Маестро Кире Костов

28.07.2023 11:28

По подолго боледување, во 73-тата година, почина композиторот и диригент Кире Костов, соопштија од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ)...

По подолго боледување, во 73-тата година, почина композиторот и диригент Кире Костов, соопштија од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).

Кире Костов е роден во 1949 во Битола. Средно музичко училиште завршува во родниот град, а натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во периодот од 1970-1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радио-телевизија Скопје, а од 1988 година до 2010 и негов диригент. Еден е од основачите на фестивалот за деца и млади Си-До кој се одржуваше во Битола од 1991-2000 година. Овој фестивал продуцираше околу 200 песни за деца и млади од кои голем број станаа хитови како: „Наташа од трето три“, „Прва љубов“, „Супер бабичка“, „Фламенго“, „Заради тебе Зоране“, „Детство“, „Без другар тешко е“, „Визба стара и гитара“ и многу друри.

Како единствен претставник на тогашна Југославија настапувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, оркестар составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа. Костов таа година бил прогласен за најдобар трубач-инструменталист во Југославија и бил избран да ја претставува Југославија во тој оркестар. Бил уметнички директор на фестивалот за популарна музика Интерфест – Битола (1994-1996). Добитник е на бројни награди и признанија.

Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот, како: „Акварел“, „Бела ноќ“, Македонска суита 1 и 2 „Лени“, „Травелинг“, „Лепе ти је Беле Вирје“, „Си заљубив едно моме“,.„Догледање“, „Алегорија“.

Од областа на популарната музика потпишува околу 300 наслови како што се безвременските „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, „Не биди слеп“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Тонови тајни“, „Ти пеам песна“, „Рум, дум, дум“, „Љубовна религија“, „Што те нема“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори.