Руско-украински конфликт

Бесплатна достава на жито за африканските земји, најави Путин

28.07.2023 11:51

Русија изрази подготвеност да им даде бесплатно жито на земјите во Африка. Овој континент е под голема закана од кризата со храната. Москва се повлече од Црноморската иницијатива поради револт од, како што велат, неисполнување на условите од спогодбата. САД тврдат, Русија извезува многу помалку отколку што кажува…

„Бесплатна достава на жито за африканските земји и покрај санкциите од Западот, правиме максимални напори за да избегнеме светска криза со храната“, порача рускиот претседател Путин, на дводневниот самит во Санкт Петербург. Потсети дека во првите шест месеци од годинава, биле извезени речиси 10 милиони тони жито на континентот со 1,3 милијарди жители. Шефот на Кремљ нагласи и дека нивниот удел на глобалниот пазар, за овој производ изнесувал 20%, додека на Украина ѝ припаѓале само 5%. Претходно, Русија се повлече од Црноморската иницијатива за извоз, којашто се смета за клучна за повеќето африкански земји. Причина за потегот, според Москва, е неисполнување на ниеден услов од договорот.

„Лани извезовме 11,5 милиони тони жито во Африка. И, сето ова се случи покрај незаконските санкции за нашиот извоз кои сериозно ги нарушуваат снабдувањето со храна, транспортот, логистиката, осигурувањето и банкарските рати. Се појавува парадоксална слика. Од една страна, Западот ни става пречки на патот за достава на жито и ѓубрива, а од друга, лицемерно не обвинуваат за сегашната криза на пазарот“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Администрацијата на Бајден со реакција по изјавата на Путин.

„Иако би прифатиле секакви придонеси за да се намали неизвесноста околу безбедноста на храната, или да го парафразирам генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, кој вели дека грст донации во некои земји, нема да го заменат извозот на милиони тони жито што помага во стабилизирањето на цената на храната во светот. И покрај руската реторика, тие, всушност, инвестираат многу малку во Африка, околу 1% странски директни инвестиции одат на континетот“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Во меѓувреме, Русија спречи напад на украинско беспилотно летало во регионот на Москва. Главниот град и регионот, лоцирани на повеќе од 500 километри од украинската граница, веќе беа цел на напади со беспилотни летала, вклучително и оној што го погоди Кремљ во мај. Украинците се фалат со нови победи на фронтот. Војската објави видео на кое прикажува повторно заземање на село во Доњецкиот регион. Во последните недели, битките се проширија на неколку локации во рамките на контраофанзивата, поддржана од оружје и трупи тренирани од Западот.

 

Маја С. Филдишев