Куманово

Жителите на Слупчане и ЕВН постигнаа договор, мрежата ќе се реконструира

28.07.2023 12:01

По речиси 30 часа, Слупчане и Оризаре добија струја. ЕВН и жителите на Слупчане постигнаа договор. Поради самостојни интервенции на мештаните беа предизвикани дефекти во неколку села. ЕВН информираше дека дефект имало и на граничниот премин Табановце. Националниот координатор за гранично управување пак демантира. Вели системот функционира нормално, како и протокот на патници и стоки...

Липковските села Слупчане и Оризаре по речиси 30 часа добија електрична енергија. ЕВН и жителите на Слупчане постигнаа договор. Екипите ќе вршат реконструкција на мрежата. Гаранции се дадени од локалната власт и од политичките партии. Работата на терен ќе почне од 9-ти август. Мештаните на Слупчане повторно не дозволија вработените на ЕВН да влезат во селото. Од тогаш тие, како и соседното село беа без електрична енергија. Доставија и барања до компанијата, меѓу кои и да им се простат досегашните долгови. Жителите на Оризаре пак протестираа пред објектот на ЕВН во Куманово. Поради самостојни интервенции, беа предизвикани неколку дефекти во соседните села, меѓу кои и на граничниот премин Табановце, како што информираше ЕВН. Меѓутоа, националниот координатор за гранично управување Пивоваров демантира дека имало прекин со снабдувањето со струја на најфреквентниот премин во земјава. Тој појаснува дека преминот има посебна трафостаница, но и агрегат.

„И во ситуации кога граничните премини остануваат без електрична енергија и главниот дотур што ни го врши ЕВН, во таква состојба си постои посебен систем, УПС-от држи две минути електрична енергија додека се вклучи агрегатот и потоа почнува да функционира на свој автономен извор електрична енергија на граничниот премин што нас ни е неопходна заради софтверите, системите, камерите за да имаме нормален проток на патници и стоки“, истакна Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување.

Според податоците на ЕВН во Слупчане загубите се 80 проценти, а наплатата 20 отсто. Надлежните со пораки граѓаните редовно да ги намируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании, бидејќи тоа е согласно Законот.

 

Елена Георгиевска