Општата болница во Охрид работи со полн капацитет
Интервенциите во летната сезона, во Општата болница во Охрид, двојно се зголемени. Во оваа здравствена институција, покрај вообичаените пациенти, се лекуваат и туристите коишто одмораат на брегот од Охридското езеро. Она што вознемирува е информацијата дека годинава е зголемен бројот на лица со здобиени повреди при физички пресметки и сообраќајни незгоди...

Во шпицот на летната сезона, кога Охрид е преполн со туристи, покрај вработените во хотелско угостителскиот сектор полни раце работа имаат и лекарите и другиот медицински персонал во охридската Општа болница. Оттаму велат дека и постариот медицински персонал, не се сеќава дека во овој период имало толку голем број интервенции.
„Тоа го покажува и бројката од 3.260 пациенти, коишто се опслужени во изминатата недела. Тука, подразбираме медицинска услуга каде што имаме прегледи, дијагностика, ренген, компјутерска томографија и ехотомографија, каде доаѓаат и странски приватни пациенти“, вели д-р Асен Шајн, директор на Општа болница Охрид.
Загрижува податокот за зголемениот број на повреди здобиени при физички пресметки и сообраќајни незгоди. Пред десеттина дена само за едно деноноќие во одделите за хирургија и уво, грло и нос биле извршени интервенции на лица кои се здобиле со скршеници на вилица или нос, но и други повреди на глава. Дел од нив се хоспитализирани, а некои се транспортирани на скопските клиники.
„Во овој летен период е зголемен обемот на работа каде што имаме постојано сообраќајни незгоди, физички пресметки, имаме пациенти со убоди од инсекти и змии отровници, каде што сме единствен центар во регионот којшто ги згрижува овие пациенти“, дополни д-р Шајн.
Консолидацијата на дел од одделенијата со стручен кадар, придонесе болницата успешно да се справува со напливот од пациенти, бидејќи покрај охриѓани и туристите, овде се лекуваат и пациенти од соседните градови.
Сашо Нелоски
